Дигитална анализа на кожата
Најнов тренд во водечките светски центри на полето на дерматологијата и естетската медицина е дигиталната анализа на кожата, со која започнува и завршува секој третман.
Оваа сеопфатна анализа на основните параметри што ја детерминираат кожата, ни помага да ја утврдиме фактичката состојба, да дијагностицираме какво било оштетување и потоа да го подготвиме најсоодветниот тераписки план со кој ќе постигнеме најдобри резултати.
Skin analyzer апаратот преку дигитална анализа на серија фотографии со висока резолуција, со обична, поларизирана и УВ светлина, врши квалитативно, но и квантитативно одредување на следните параметри на кожата:
1. количеството на себум – продукт на лојните жлезди, кој е неопходен за одржување на хидролипидната бариера на кожата. Зголемената продукција на себум предизвикува масна кожа, склона кон акни, додека пак намалената продукција резултира со сува кожа, која е чувствителна на надворешните влијанија и склона кон црвенила и иритации;
2. степенот на хидратација – кој зависи од количеството вода врзано за молекулите на хијалуронската киселина во длабоките слоеви на кожата;
3. степенот на еластичност – кој зависи од бројот на колагени и еластични влакна во длабоките слоеви на кожата и кој по 30-тата година почнува да се намалува;
4. степенот на прокрвеност – кој зависи од состојбата на крвните садови, врз која најголемо влијание има животниот стил (исхраната, физичката активност, пушењето) како и постоењето на одредени органски заболувања (атеросклероза, покачен крвен притисок, хормонални нарушувања, итн.);
5. големината на порите – која зависи од типот на кожата (масната кожа има поголеми пори), но и од степенот на цврстина и еластичност на кожата;
6. присуството на пигментации – сончеви пеги, старечки дамки (кои се резултат на штетното влијание на УВ зраците), мелазма-пигментации со неправилен облик кои се предизвикани од хормонален дисбаланс (бременост, нарушена функција на ендокрините жлезди, контрацепција) и др.;
7. бројот и длабочината на брчките – кои зависат од возраста, генетската предиспозиција, фотооштетувањето, како и од правилната нега;
8. акните и лузните од акни-лесна (комедоника, папуло-пустулозна) или акни-тешка форма (нодуло-цистична, конглобата) – кои може да резултираат со атрофични лузни доколку се третираат неадекватно.По ваквата детална анализа, дерматолошката дијагноза лесно се поставува, а потоа се врши и изборот на најсоодветните тераписки процедури.
Терапискиот план може да вклучува серија хемиски пилинзи, третмани со аблативни и неаблативни ласери, хијалуронски филери, класични третмани, како и комбинација од повеќе дерматолошки процедури за оптимални резултати. Исто така, оваа едноставна неинвазивна процедура ни овозможува документирање на состојбата на кожата, пред и по третманот, кое е дефинитивен и неоспорен доказ за успешно спроведениот тераписки или корективен третман.
Во многу случаи, самото одредување на типот на кожата, а согласно со тоа и одбирањето на соодветната козметичка линија, е доволно за отстранување на некои кожни неправилности и промени.