Новости

Ефикасно лекување на акни

akni1Акните се мошне чести заболувања на кожата. Можат да се појават кај двата пола на секоја возраст: кај бебиња, адолесценти, тинејџери, постари луѓе. Се работи за хронична воспалителна болест на пилосебацеалната структура на кожата (целина составена од влакнен фоликул и од лојна жлезда).

Дали ќе дојде до појава на акни зависи од неколку фактори: генетската предиспозиција (се наследува големината на лојните жлезди), дејството на хормоните (нарушен однос на половите хормони) и присуството на бактерии во лојната жлезда. Под дејство на овие фактори настанува воспалителен процес на кожата со појава на митесери (бели и црни), папули (површни јазли), пустули (гнојаници), нодули (болни, модри јазли) и цисти (празнини).

Овие  промени се јавуваат најчесто на лице (чело, образи, нос, брада), а може да се јават и на кожата на вратот, рамената и градната регија.Најчесто, акните се појавуваат во пубертетот и во адолесценцијата (70-80% од пациентите имаат акни во втората и во третата деценија од животот), но може да имаат продолжена еволуција и подоцна во животот, со различна клиничка слика.

Акните го нарушуваат естетскиот изглед и на многумина им наметнуваат психичко оптоварување, затворање во себе, асоцијално однесување, и депресивност.Конвенционалниот пристап во лекувањето на акните вклучува користење на ретиноиди (и локално и преку уста), системски и локални антибиотици во пролонгирани режими.

Лекувањето трае подолго, во просек од 3-6 месеци, со можност од појава на бројни нусефекти од системската терапија, како и резистентност на локалната антибиотскаи антисептична терапија.Светски тренд во третманот на акните е употребата на алфа хидрокси киселини во комбинација со фототерапија со сина светлина.

Овој протокол се спроведува на следниот начин:

– Се почнува со хемиски пилинг – Neo Strata, патентиран препарат на база на алфа хидрокси киселина – гликолна киселина. Се нанесува на болната кожа и
доведува до намалување на лојната секреција, смирување на воспалението, а со тоа и до намалување на формирањето акни. Истовремено прави ексфолијација, благо лупење на оштетени клетки на кожата, и поттикнува создавање здрава кожа.

– Седум дена по хемискиот пилинг следува мануелна експресија на митесерите и помалку воспалените пустули (гнојаници). Непосредно по направената мануелна експресија се спроведува ласерска терапија. Ласерите дејствуваат само на кожата, а не на поткожното ткиво и на хормоните.

Кај полесни  форми на акни се користат  Bluelight и E-light-Syneron ласери. Blue light (сина светлина) ги убива бактериските причинители, а кај потешките форми се применува  Green light ласер.

Кај тешките форми на акни со формирање на цисти, покрај стандардниот третман со Blue light ласерот, го применуваме и Green light ласерот кој, освен што врши оксигенација на ткивото и уништување на бактериите Propionibacterium acnes, делува и на самата лојна жлезда во правец на нејзино намалување, како по побем, така и по количество на излачената лој. Динамиката со која ќе се спроведува овој протокол на ефикасно лекување, зависи од тежината на клиничката слика.

Најчесто, хемискиот пилинг се спроведува еднаш на три до четири седмици, мануелната експресија на секои седум дена, паралелно со ласер терапија во текот на четири до шест недели.  Во споредба со конвенционалната терапија, овој протокол е побезбеден (избегнати се нусефектите од системската терапија), дава побрзи, подобри резултати и спречува појава на лузни.

За само 4-6 недели пациентите се задоволни од лекувањето и имаат вратена самодоверба.

Дигитална анализа на кожата

pacientНајнов тренд во водечките светски центри на полето на дерматологијата и  естетската медицина е дигиталната анализа на кожата, со која започнува и завршува секој третман.

Оваа сеопфатна анализа на основните параметри  што ја детерминираат кожата, ни помага да ја утврдиме фактичката состојба, да дијагностицираме какво било оштетување и потоа да го подготвиме  најсоодветниот тераписки план со кој ќе постигнеме најдобри резултати.

Skin analyzer апаратот преку дигитална анализа  на  серија фотографии со висока резолуција, со обична, поларизирана и УВ светлина, врши квалитативно, но и квантитативно одредување  на следните параметри  на кожата:

1. количеството на себум – продукт на лојните жлезди, кој е неопходен за одржување на хидролипидната бариера на кожата. Зголемената продукција на себум предизвикува масна кожа, склона кон акни, додека пак намалената продукција резултира со сува кожа, која е чувствителна на надворешните влијанија и склона кон црвенила и иритации;

2. степенот на хидратација – кој зависи од количеството вода врзано за молекулите на хијалуронската киселина во длабоките слоеви на кожата;

3. степенот на еластичност – кој зависи од бројот на колагени и еластични влакна во длабоките слоеви на кожата и кој по 30-тата година почнува да се намалува;

4. степенот на прокрвеност – кој зависи од состојбата на крвните садови, врз која најголемо влијание има животниот стил (исхраната, физичката активност, пушењето) како и постоењето  на одредени органски заболувања (атеросклероза, покачен крвен притисок, хормонални нарушувања, итн.);

5. големината на порите – која зависи од типот на кожата (масната кожа има поголеми пори), но и од степенот на цврстина и еластичност на кожата;

6. присуството на пигментации – сончеви пеги, старечки дамки (кои се резултат на штетното влијание на УВ зраците), мелазма-пигментации со неправилен облик кои се предизвикани од хормонален дисбаланс (бременост, нарушена функција на ендокрините жлезди, контрацепција) и др.;

7. бројот  и  длабочината  на брчките – кои зависат од возраста, генетската предиспозиција, фотооштетувањето, како и од правилната нега;

8. акните и лузните од акни-лесна (комедоника, папуло-пустулозна) или акни-тешка форма (нодуло-цистична, конглобата) – кои може да резултираат со атрофични лузни доколку се третираат неадекватно.По ваквата детална анализа, дерматолошката дијагноза лесно се поставува, а потоа се врши и изборот на најсоодветните тераписки процедури.

Терапискиот план може да вклучува серија хемиски пилинзи, третмани со  аблативни и неаблативни ласери, хијалуронски филери, класични третмани, како и комбинација од повеќе дерматолошки процедури за оптимални резултати. Исто така, оваа едноставна неинвазивна процедура ни овозможува документирање на состојбата на кожата, пред и по третманот, кое е дефинитивен и неоспорен доказ за успешно спроведениот тераписки или корективен третман.

Во многу случаи, самото одредување на типот на кожата, а согласно со тоа и одбирањето на соодветната козметичка линија, е доволно за отстранување на некои кожни неправилности и промени.